Бизнис
24. September 2016 - 14:35

Распишан тендер за обнова на автопатот Скопје - Куманово

Преку ИПА инструментот е распишан тендер за целосна реконструкција на автопатската делница од Скопје до Куманово во должина од 23 километри, информира денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. 

Заинтересираните компании можат да достават понуди до 16 следниот месец, по што ќе се изврши евалуација на понудите, а градежните активности да почнат во првиот квартал следната година. 

Обновата на коловозната лента од Куманово кон Скопје е веќе почната. 

- Тоа значи дека 23 километри од Скопје до Куманово ќе бидат рехабилитирани и реконструирани. Тоа е многу важно бидејќи ние вложуваме многу на Коридорот 10 за максимално да ја подобриме инфраструктурата, изјави Мисајловски. 

Обновата на делницата опфаќа поставување нов коловоз и сообраќајна сигнализација, како и санирање на сите мостови што се наоѓаат на трасата.

Мисајловски потенцираше дека продолжуваат инвестиците во патната инфраструктура, потсетувајќи и на неодамна објавениот тендер на делницата Прилеп Градско.

- Се работи и на автопатот Демир Капија – Смоквица, таму сме во завршна фаза, многу добро оди динамиката и очекувам до крајот на годината комплетно да биде завршена. Потоа, останува во наредниот прв квартал од 2017 година да ги завршиме сите  дополнителни други работи околу електриката, а исто така се продолжи од Смоквица кон Гевгелија. Таа е уште една фаза исто преку ИПА компонента, таа веќе се гради, изјави Мисајловски.

Во завршна фаза, додаде, се и активностите од Неготино до Демир Капија, за што се чека сообраќајниот режим од Министерството за внатрешни работи.

Инвестициите во Коридорот 10, според Мисајловски, ќе надминат преку 230 милиони евра.

Во целата држава, потенцира, градиме преку 170 километри нови автопати, но многу е важно да ја зголемиме максимално безбедноста на Коридорот 10, бидејќи е еден од транснационалните коридори и затоа максимално вложуваме не само на Коридорот 10 туку и на останатите коридори низ Република Македонија.

- Министерството за транспорт и врски ќе продолжи со сите свои проекти бидејќи, како што може сите граѓани да забележат, постојано се објавуваат тендери за нови патишта, а тоа значи подобар, побезбеден сообраќај, како и комуникација, изјави министерот за транспорт.