Бизнис
12. October 2017 - 12:12

Ранливи категории граѓани преку социјално претприемништво до сопствен бизнис

Дванаесет организации денеска презентираа стратегии за бизнис идеи, како резултат на проектот за поддршка на социјалните претпријатија финансиран од Европската унија, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика. 

Организациите Помош за хендикепирани и сиромашни, Црвен крст, Арно, Солем, Љубезност, Мисла, Банка за храна, Астарта, Албиз, Форум 16, Културна ризница и Сонце, се 12-те организации кои континуирано, во текот на проектната имплементација беа поддржани како дел од проектните активности, и пред донаторите се претставија со своите содржини.

Барбара Садовска, тим лидер на проектот од Полска истакна дека цел на проектот е да го поттикне социјалното претприемништво, да им помогне на граѓанските организации да овозможат социјална интеграција на оние што се изоставени од пазарот на трудот.

- Во моментот работиме со 12 претпријатија и им помагаме да ги дефинираат социјалните бизниси и да ги спроведат. Тука имаме инвеститори, донатори кои ќе ги поврземе со овие 12 организации, а паралелно работиме и на изготвување на новиот закон за социјално претприемништво, рече Садовска.

Според неа, граѓанските организации конечно ќе бидат признаени како социјални претпријатија, тие ќе добијат таков статус и ќе им се овозможи да соработуваат со бизнис заедницата, но исто така и да обезбедуваат услуги и производи со кои ќе им се помогне на овие луѓе да стекнат подобри вештини, да бидат интегрирани на пазарот на трудот. 

Садовска додаде дека во Полска веќе се спроведува социјалното претприемништво и тоа функционира, а во последните десет години преку него се отворени 30.000 работни места.

Искра Росо, претседател на Здружение на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ - Скопје, истакна дека здружението нуди услуги на возрасни лица со интелектуална попреченост. Таа рече дека почнале да ги трансформираат креативните работилници во социјален бизнис, со идеја нивните изработувачи да бидат платени за тоа што го изработуваат за да имаат мотивација да работат и да се вклучуваат на отворениот пазар на труд.

Претставникот на организацијата Помош за хендикепирани и сиромашни од Прилеп, рече дека тие работат со лица со попреченост, како и лица од ромска националност, произведуваат пелети, се занимаваат со репарирање мебел, се со цел за да може луѓето да откупат суровини по поевтина цена. Тој очекува поддршка од донаторите со цел луѓето со попреченост од руралните средини да си овозможат сопствена егзистенција. 

Филип Ивановски, директорот на Пакомак, фирма потенцијален донатор, рече дека социјалното преториемништво е една од формите за зголемување на вработеноста, особено кај ранливите групи кои преку редовен пат многу тешко доаѓаат до можност за вработување.

Проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“ има за цел подобрување на инклузивноста на пазарот на трудот со создавање на можност за отворање на нови работни места преку стимулација на социјално економските иницијативи.