Бизнис
6. January 2017 - 19:11

Раководството на ССМ демантира дека имало физички напад врз исклучените членови

Тринаесетте грански синдикати и раководствотo предводено од Живко Митревски, јасно го добија легитимитетот со најновото решение од Министерството за труд и социјална политика со кое е поништено претходното донесеното Решение од поранешната техничка министерка, донесено врз основа на фалсификувани документи, соопшти ССМ.

Од таму ги негираат информациите дека во синдикалната зграда во текот на ноќта Дарко Димовски бил физички нападнат и задржан на трауматологија.

Истовремено од ССМ и синдикатите кои го поддржуваат Митревски, објавија дека дека против Димовски и останатите предводници на исклучените гранкови синдикати се покренати кривични пријави за фалсификување на исправи, злоупотреба на службена положба, злосторничко здружување, лажно претставување - дела за кои се предвидени казни затвор од 3 до 10 години.

Од ССМ коментираат дека овие случувања се обид на опозицијата предводена од СДСМ и Зоран Заев со манипулации да се узурпира Сојузот на синдикати на Македонија.

При тоа, инфомираат дека, по вчерашното собирање на претставници на исклучените синдикати во холот на зградата со цел да се спречи нивно иселување, Митровски побарал асистенција од полицијата со цел да му се овозможи пристап во просториите и непречено работење на сојузот.

Во денешното соопштение од раководството на ССМ се истакнува дека за, како што велат, групата фалсификатори и синдикални пензионери кои се обиделе нелегитмно да изберат нов претседател, нема место во синдикатот.  Најостро ги демантираат тврдењата дека Димовски бил нападнат и наведуваат дека службите на ССМ во присуство на полицијата спречиле дивеење во алкохолизирана состојба на исклучените членови кои биле придружувани од неколку лица од Струмица кои, според нив, биле ангажирани од опозицијата.