Македонија
2. November 2015 - 16:19

Работните групи во нов обид за финализирање на договорот од Пржино

Продолжуваат преговорите меѓу политичките партии. Преговарачките тимови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ попладнево во Клубот на пратениците разговараат за Законот за „свиркачите“ и за Законот за забарана за злоупотреба на нелегално прислушуваните материјали.

Како што дознава Сител од извори во преговарачките тимови, на маса се Шеќеринска и Ременски од СДСМ како и Димовски, Милошоски и Бришкоска од ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите, течат без посредство на меѓународниот фактор, а според информациите, атмосферата е пристојна и има размена на аргументи.

Денеска Собранието и го одобри и буџетот на обвинителката Катица Јанева, со што таа може да почне со работа, што би можело да ја тргне пречката која СДСМ ја стави патот на донесувањето на новиот пакет со изборните закони кој преговарачките групи го договорија кон крајот на минатиот месец.

Освен законите за свиркачите и за бомбите, камен на сопнување меѓу преговарачките групи е и Законот за влада, поточно законското регулирање на ингеренциите на замениците министри.

Политичките партии меѓусебно си ја префрлаат одговорноста во реализацијата на договорот од Пржино, кој треба да резултира со предвремени парламентарни избори на 24 април.