Фудбал
27. јуни 2016 - 19:29

Работнички посакува победа без примен гол против Будуќност

Македонскиот претставник Работнички утре ќе ја отвори новата сезона на македонските екипи во евро-куповите. Во Скопје на Националната Арена „Филип Втори“ ќе гостува претставникот на Црна Гора Будуќност во рамките на 1.коло од квалификации за Лига Европа.

Тренерот на „романтичарите“ Томислав Франц очекува неговите играчи да ја поминат првата пречка.

- Екипата е подготвена за дуелот со Будуќност. Имавме добри подготовки во Скопје и во Словенија и солидни натпревари кои ги одигравме. Составот е променет во однос на лани, но се надевам дека младоста ќе придонесе за борбен фудбал, а со тоа да стигнеме до победа и пласман во следната рунда, додавајќи дека очекува уште натпревари во Лига Европа.

Капитенската лента ќе ја носи Душко Трајчевски.

- Очекувам да имаме успешно лето. Од она што можевме да го видиме за ривалот сакаат да ја имаат топката во свој посед, играат висок пресинг и дуел игра. Секако најдобро за нас ќе биде победа без примен гол, рече Трачевски.

Работнички лани беше најдолго од македонските екипи во Европа и настапуваше до 4.коло од квалификациите од ова натпреварување.

Натпреварот се игра утре со почеток од 18 часот. Цената на влезницата е 150 денари и тоа само за јужната трибина на Националната Арена „Филип Втори“. Гостите од Црна Гора ќе имаат и свои навивачи, а бројката се движи околу 200.