Кошарка
7. April 2016 - 14:38

Работнички најави тим за титула, но и нова сала

 
 Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички на денешната прес-конференција најави враќање на старите патеки кога клубот освојуваше титули. Раководството ги информира новинарите дека половина од наталожените долгови се исплатени и сега може да се формира конкурентен тим за висок пласман.
 
- Ги исполнуваме двете цели кои си ги поставивме пред почетокот на оваа сезона, а тоа е намалување на долговите и промовирање на млади кошаркари кои ќе го понесат товарот на Работнички во иднината. На натпреварите сезонава рамноправни сме со сите, и кога сме фаворити и кога сме аутсајдери. На добар пат сме да го вратиме клубот на местото на кое му припаѓа, изјави директорот Васко Кичевски.
 
Претседателот на клубот Ристо Гапиќ ги најави шампионските амбиции за следната сезона, на што градоначалникот на општина Центар и најголем финансиер на „црвено-белите“ се надоврза, при тоа најавувајќи и достојна прослава за одбележување на 70-годишното постоење.
 
-Постојат главните предуслови Работнички да има тим со кој ќе атакува на местото на кој природно му припаѓа во македонскиот спорт. Веќе се формира костурот на идниот тим, а потпишан е и нов договор со тренерот Марин Докузовски. Сезонава се фокусиравме намладите играчи кои искористувајќи го присуството на неколкуте поискусни колеги покажаа дека можеме да сметаме на нив за следната сезона. Оваа политика на потпирање главно на македонски играчи ќе ја задржиме и понатаму, рече Жерновски и додаде дека веќе е стапено во контакт со сите домашни кошаркари кои нешто значат во македонската кошарка.
 
- Работнички идната сезона ќе атакува на шампионската титула, а тоа ќе се обидеме да го направиме со поддршка на поголем број спонзори од кои добивме првични најави. Пред почетокот на сезоната планирана е прослава на јубилејот 70-години постоење, најверојатно со ревијален натпревар каде ќе дојде реномиран противник, а ние во таа фаза би имале многу посилен тим.
 
Запрашан дали конечно Работнички ќе добие и нов дом (сала) градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски изјави: „Ако добро го погледнете предлогот за новиот урбанистички план за Градскиот парк ги сфатите нашите размислувања на оваа тема. Засега не би сакал да ја отворам оваа тема, но тоа сигурно ќе го сторам наскоро. Факт е дека Работнички заслужува нова модерна сала и верувам дека во догледно време ќе успееме во тоа. За деталите за ова, сепак, дополнително ќе бидете известени“.

КК Работнички најави и одржување на камп за млади кошаркари, во Дојран во периодот 20-27 јуни со присуство на тренерите и сите кошаркари на првиот тим, како и многу гости.