Фудбал
31. May 2016 - 12:00

Работнички ги почна подготовките за новата сезона

Фудбалскиот клуб Работнички ги почна  подготовките за новата сезона. Освоеното четврто место им донесе на „романтичарите“ нов пласман во европските купови, каде останува желбата да се повтори ланскиот успех и да се минат неколку рунди во квалификациите за Лигата на Европа.
 
- Фудбалерите имаа доволен период за одмор и од денеска почнуваме со редовните тренинзи. Можеби со мали проблеми, затоа што Бојан Најденов е со А-репрезентацијата, Шишковски, Кире Маркоски и Елмаз се со младата репрезентација, Милан Ристовски и Ристе Јанков се со репрезентацијата до 18 години. Браќата Сахити поради технички проблеми со документација за пасошот исто така не се на денешниот тренинг, а отсутни се и Марјан Алтипармаковски и Милан Илиевски. Некои од нив ќе бидат отсутни пет, а некои три дена. Во меѓувреме, очекуваме тројца или четворица нови фудбалери, истакна тренерот Томислав Франц.
 
Следната сезона неколку фудбалери веќе нема да бидат дел од Работнички.
 
- Борче Маневски, Мирослав Јовановски, Бојан Марковски тие веќе не се членови на Работнички, а истото веројатно ќе се случи со Милован Петровиќ, кој е во преговори со Дебрецин, и сакам да му посакам среќна, меѓународна кариера, информира Франц и додава дека тимот за време на подготовките ќе одигра неколку пријателски натпревари.
 
- Во Скопје ќе работиме до 5 јуни, а веќе следниот ден заминуваме за Словенија. Имаме закажано три пријателски натпревари, противниците се уште не ни се познати, и таму ќе се задржиме до 14 јуни. После тоа се враќаме во Скопје, каде што ќе бидеме во исчекување на противникот, и да ги финализираме подготовките за европските натпреварувања. Јас, а целата управа посакуваме Работнички да има исто успешно лето како и минатото, но времето ќе покаже дали ќе биде така, посочи Франц.