Македонија
18. December 2017 - 14:36

Работилница за вработените во институциите

Транспарентноста и инклузијата на граѓанското општество, како и бизнис заедницата имаат приоритетно место во активностите на Владата. Граѓанското општество акумулира огромна креативна енергија која треба да се употреби многу поактивно во јавниот сектор.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на работилницата Peace Tech Exchange, која ја организира PeaceTech Lab од Американскиот Мировен Институт, во соработка со локалниот партнер, Democracy Lab, а со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија.

Според него, тоа може да се направи преку зголемување на инклузивноста и почитување на правата на секој граѓанин да учествува во процесите на креирање политики и донесување одлуки.

- Третиот акциски план за отворено владино партнерство се имплементира. Новиот извештај ќе го презентираме во јануари. Ќе го почнеме четвртиот циклус за подготовка на акцискиот план за отворено владино партнерство за периодот 2018-2020, а при неговата подготовка ќе се консултираме со релевантните министерства, институции, јавноста, граѓанските организации и бизнис секторот, рече Манчевски.

Потенцира дека подготвуваат и национална стратегија за отворени податоци, пилот проект кој се спроведува во министертвата за финансии и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Сите министерства ги објавија документите кои се од интерес за јавноста, кои вклучуваат буџети, планови за набавка, трошоци, патни трошоци, листа на вработени... По првпат, Владата ќе ги објави сите договори за јавни набавки и овие информации ќе бидат достапни на веб страниците на министерствата. Во наредниот период ќе продолжиме со оваа динамика со цел да ја зголемиме довербата на граѓаните во инститиуциите, креирајќи администрација која ќе биде фокусирана кон граѓаните и ќе биде ефикасна, транспарентна и одговорна, додаде Манчевски. 

Заменик американскиот амбасадор Микаела Швајцер Блум рече дека иницијативите за отворена Влада ја зајакнуваат борбата против корупцијата.

- Не можеме да се бориме против корупцијата без активни граѓани, медиуми и бизнис сектор. Отворената база на податоци е клучна алатка во овој процес. Иако транспарентноста сама по себе не мора да води до промени, таа создава услови за промени, додаде Швајцер Блум.

На работилницата учествуваа вработени во секторите за комуникации и информирање на Владата, Собранието, министерствата за информатичко општество и админитранција и за локална самоуправа...