Македонија
23. February 2017 - 12:50

Работилница за унапредување на системот за помош на бегалци и мигранти

„Научени лекции и одговор на хуманитарни потреби во бегалската и мигрантска криза во Република Македонија“ е темата на денешната работилница која се одржа во Скопје, чија цел е да се споделат искуствата и да се унапреди системот на заштита на мигрантите и бегалците во случај на евентуална нова таква ситуација.

- Ова е начин да се согледаат сите добри страни, но и лошите од изминатиот период. Она што е добро да најдеме механизми да го подобриме во наредниот период, а тоа што е лошо да го поправиме и да не дозволиме грешките да се повторат, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Потенцира дека од почетокот на 2015 па се до март 2016 година, како земја на транзит, низ Македонија поминале речиси 800.000 бегалци и мигранти кон земјите од Западна Европа како нивни земји на дестинација.

Иако, рече тој, Република Македонија имашла и претходни искуства со масовен прилив на бегалци, како и на прифат на бегалците од регионот сепак последната бегалска криза беше нова, и во поширок миграциски контекст, како и во специфичните побарувања и предизвици поврзани за соодветно згрижување на бегалците и мигрантите.

- Во соработка со надлежните државни институции, домашни и меѓународни партнерски организации и донатори, како прв чекор кон новонастаната миграциска криза, Влада на Република Македонија ги отвори двата транзитни центри, Винојуг-Гевгелија на грчката граница, и транизитниот центар Табановце на српската граница на север на земјатакои до март 2016 година функционираа само како поддршка во процесот на транзит и патување на бегалците кон западна Европа. Концептот значително се промени со затворање на границите на таканаречената Балканска рута, со одреден број на бегалци кои остана присутни на територија на Македонија со што транзитните центри се претворија во привремени прифатилишта за мигрантите кои всушност немаат решен статус во Република Македонија, рече Ибрахими.

Со останувањето на тие луѓе во Гевгелија и во Табановце, потенцира, презедовме обврска кон нив како држава да имаат пристоен престој.

- Не знаеме што ќе се случува во наредниот период, но како држава сме обврзани да им помогнеме и да го задржиме хуманиот аспект кој досега сме го негувале.

Во Македонија во моментов има околу 100 мигранти во прифатните центри во Гевгелија и Табановце и 30 во Центарот за азил во Визбегово. Тие 30 лица веќе побарале азил во Република Македонија. 

Претставникот на УНИЦЕФ Елспет Ериксон смета дека ваквите дебати се исклучителен пример за добра соработка и начин како да се согледаат грешките за да не се повторат но и да се подобри системот на заштита.

- Одлична работа беше завршена во изминатите две години како одговор на мигрантската криза. Беа воведени нови практики, иновативни, но и многу лекции беа научени од она што се случуваше на терен. Во текот на тие две години 120.000 мигранти-деца поминаа низ Македонија, и ние им помогнавме на нивниот пат, рече таа.

Додаде дека навраќањето на искуствата од изминатите две години може да послужи како пример за тоа како треба да се постапува во време на некоја идна евентуална таква состојба. На ваков начин, рече, ќе можеме да им помогнеме на децата кои што се се уште тука, но и да направиме систем за помош на за децата кои можеби во иднина би можеле да дојдат во случај на слична појава.