Македонија
9. February 2016 - 13:34

Работилница за сервиси за лична асистенција за лицата со хендикеп

Инклуизија, реализирање на работните и образовните сервиси за независно живеење треба да биде приоритет за институциите во решавањето на проблемите на лицата со посебни потреби.

Ова денеска беше констатирано на работилница на тема „Сервиси за лична асистенција-овозможување на независно живеење за лицата со хендикеп во Македонија“ во организација на Полио Плус – движењето против хендикеп, во соработка со австрискиот Центар за стручна обука и рехабилитација поддржани од Федералното министерство за труд, социјална работа и заштита на потрошувачи на Австрија.

На работилницата беше претставен концептот на лична асистенција за лица со хендикеп како сервис насочен кон поддршка на фундаменталното човеково право на лицата со хендикеп на независен живот.

Харалд Фугер, аташе на Австрија во Македонија, потсети дека Македонија како и Австрија ја имаат ратификувано конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и дека со тоа се преземаат одредени обврски за да се гарантираат правата на лицата со хендикеп.

- Ние сме тука да го поддржиме овој процес при имплементација на самата Конвенција која наидува на најразлични пречки како кај нас така и кај вас. Поентата е да размениме искуства, потенцира Фугер.

Поддршка на настанот даде и пратеникот Сашо Василевски, кој воедно е и претседавач со интер-партиската парламентарна група при што нагласи дека лицата со посебни потреби партнерски учествуваат во донесување на законите кои се во домен на оваа проблематика. Информира дека  интер-парламентарната група двапати месечно има работни средби со лицата со посебни потреби каде што тематски ги обработуваат одредените проблеми.

Според Душко Миноски од Комисијата за заштита од дискриминација, исклучителен е проблемот за инклузија и развивањето на сервиси на лицата со хендикеп.

- Исклучителна важност е што сме ја ратификувале Конвецијата за заштита на лицата со хендикеп, но тоа не значи само ратификација туку има и сериозни обврски, истакна Миноски.

Посочи дека е потребно да се работи во делот на образованието, вработувањето како и самостојното живеење. 

На работилницата детално се разработи поимот и концептот на сервисот за лична асистенција за лица со хендикеп, согласно Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на ООН. Воедно се дефинираа улогите на корисниците и на давателите на оваа услуга.

Лична асистенција значи добивање помош таму каде што е потребна, кога и како што е потребна, како и оној од кого е потребна. Со тоа им се овозможува на лицата со попреченост да учествуваат во животот рамноправно со другите.