Македонија
20. November 2017 - 8:36

Работилница за интеграција и трајни решенија за косовските бегалци

Дводневна работилница на тема „Подобрување на системот на правна заштита во врска со азил и натурализација“ ќе се одржи денеска и утре во Скопје, поврзана со интеграцијата на косовските бегалци, трајните решенија за нив како и доброволното враќање.

Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации (ОН)-Канцеларија Скопје.

Работилницата ќе ја отворат народниот правобранител Иџет Мемети и претставникот на Високиот Комесаријат за бегалци на ОН –Канцеларија Скопје Даг Сигурдсон.

На Конференцијата свои излагања ќе имаат претставници од канцелариите на Омбудсманите на Црна Гора, Албанија и на Косово, Здружението на млади правници,  како и претставници од Центарот за интеграција на бегалци и странци при Министерството за труд и социјална политика, Секторите за азил и за странци при Министерството за внатрешни работи, како  и од Управата за водење на матични книги при Министерството за правда.