Македонија
29. January 2016 - 13:37

Работилница „Насилството врз жените и медиумите“

Менување на пристапот и начинот на третирање на случаите на насилство врз жени и домашно насилство, унапредување на соработката на граѓанските организации и медиумите во насока на подобрување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени и заеднички настап во процес на застапување за ратификација на Истанбулската конвенција, повикаа учесниците на првата од циклусот девет работилници во рамки на проектот „Насилството врз жените и медиумите“.

Проектот има за цел организирање работилници за дискусија на сите форми на насилство што ќе доведе до зголемување на информираноста во општеството со формите и случаите на насилство, како и изработка на речник за новинари со родово базирана терминологија. 

Според Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, крајната цел е унапредување на соработката на медиумите со националните здруженија во насока на создавање план за изработка на мрежа за ратификација на Истанбулската конвенција.

Санела Шкриељ од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство истакна дека Истанбулската конвенција е усвоена во 2011 година и досега е ратификувана од 19 држави, додека Македонија иако ја има потпишано во 2014 година се уште не ја ратификувала.

- Конвенцијата поставува стандард во сите области во кои треба да се делува и е прв меѓународен документ во кој насилството врз жените е кршење на човековите права, рече Шкриељ, додавајќи дека со Конвенцијата се опфаќаат сите облици на насилство како физичкото, психичкото, сексуалното, договорените и присилни бракови, како и генитално осакатување, присилниот абортус и стерилизација.

Според Наташа Доковска од Здружението на новинари за човекови права, потребно е создавање на новинарско лоби за поголемо третирање и обработка на темата со крајна цел зголемување на информираноста за случаите на семејно насилство.

- Неопходно е избегнување на дополнителна и инстантна виктимизација на жртвите преку промена на терминологијата во медиумите и прикажување на родовото насилство како над религиско и тоа да не се поврзува со одредени заедници во општеството, нагласи Доковска.

Проектот е финансиран од програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и го спроведува Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство - Глас против насилство во соработка со Здружението на новинари за човекови права.