Свет
24. May 2017 - 10:22

Путин и Дутерте се сретнаа во Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна синоќа во Кремљ со претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, кој најави дека ќе си замине од Русија порано од предвиденото поради судирите во јужниот дел на Филипините, каде претходно беше воведена воена состојба, јави ТАСС.

- Единици на Исламска држава ја окупираат филипинската провинција и има судири, воената операција продолжува и во моментов. За жал треба да заминам таму, рече Дутерте.

Претходно тој прогласи воена состојба во јужниот регион Минданао, каде се случија судирите, поради кои тој ја скрати посетата на Русија. 

Според податоците на специјалните служби меѓу борците, блокирани во градот Мрави е и лидерот на екстремистичката групација Абу Сајаф, Иснилон Хапилон, кој положил заклетва за верност кон ИД. Во судирите загинал најмалку еден полицаец.

- Нашата земја има потреба од модерни оружја, за да се бори против ИД. Имаме потреба од оружје, нагласи Дутерте.

Тој прецизираше дека се обидел да го купи од САД, но ситуацијата „е малку сложена“, при што не изнесе повеќе детали. 

- Го разбираме и почитуваме фактот дека треба итно да се вратите во својата земја, рече Путин. 

Рускиот претседател изрази сочувство поради терористичкиот напад и изрази надеж дека конфликтот ќе биде решен максимално брзо и со минимални загуби. 

Според Путин Москва и Манила имаат многу интересни и перспективни можности за соработка, вклучувајќи ја и воено-техничката. Тој додаде дека и покрај заминувањето на Дутерте двете земји ќе потпишат цела серија документи. 

- Нашите соработници и колеги работеа добро и подготвија цел пакет документи. Вашите министри остануваат тука и утре тој пакет од документи, насочен за развивање на билатералните врски, ќе биде потпишан, увери Путин. 

Дутерте нагласи дека воената состојба во јужниот регион Минданао може да продолжи една година.

- Јас ќе прифатам да биде онака како што треба, без разлика дали тоа ќе значи една година или еден месец, нагласи тој во видео обраќање до земјата, објавено на Интернет.

Дутерте напомена дека за време на владеењето на претседателот Фердинанд Маркос земјата била во вонредна состојба во период од две децении.

- Она што се случува во Минданао, можеби не е толку различно од тоа што го стори Маркос, предупреди Дутерте во снимката, која е направено кусо пред да замине од Москва.