Свет
3. April 2017 - 18:01

Путин ги добил извештаите на спец службите за експлозијата во метрото во Санкт Петербург

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека ги добил извештаите на специјалните служби за експлозијата во метрото во Санкт Петербург, пренесе ТАСС. 

- Веќе разговарав со шефовите на специјалните служби, со директорот на Федералната служба за безбедност (ФБС), рече тој на средбата со белорускиот колега Александар Лукашенко.

Рускиот претседател уверува дека „безбедносните органи и спец-службите работат и ги вложуваат сите свои напори за да ги утврдат причините и да направат целосна оценка на тоа што се случило“.

- Градските власти, а ако треба и федералните, ќе ги преземат сите неопходни мерки, за да им дадат поддршка на семејствата на загинатите и на нашите настрадани граѓани, додаде тој.

Руската Влада ги разгледува сите можни причини за експлозијата во метрото во Санкт Петербург, вклучувајќи го и тероризмот, рече Путин, цитиран од британските медиуми.

Во експлозијата се ранети 50 лица.

„На настраданите помош им укажуваат 17 возила на брзата помош“, на Твитер соопшти Андреј Кибитов, директор на прес-службата на гувернерот на Санкт Петербург.

Првите претпоставки се дека експлозијата била предизвикана од рачно изработена бомба, што содржела шрапнели, јавија руските медиуми.