Бизнис
7. April 2016 - 14:08

Пуштена вода во Оризарско за сеидба на оризот

Со прифаќањето на проточните води од Оризарска река и нивно насочување во нивите на Оризарско поле, денеска и официјално почна пролетната сеидба на оризовата култура.
 
Одличните временски услови, убавото и  сончево  време придонесоа голем дел од земјоделците да ги подготват своите ниви за прифаќање на водите и почеток на сеидба на оризот.
 
- Денеска и официјално  ја почнавме годинашната сеидба на оризот во Кочани. Традиционално, на Благовец, најпрво ги зафаќаме проточните води на Оризарска река и ги насочуваме кон нивите во Оризраско поле, изјави Николчо Гоцев, директор на Водостопанство Кочани.
 
Од денеска е објавен и редоследот на пуштање вода во нивите од каналската мрежа на Хидртосистемот „Брегалница“ по населените места и водните заедници.
 
Официјалната сезона на наводнување, според Гоцев, почнува на 14 април, а први вода ќе добијат нивите во атарот на селата Прибачево и Грдовци - Кочанско.
 
Во акумулацијата Калиманци до денеска се акумлирани 115 милиони метри кубни вода, додека Градче кај Кочани е полна со вода која се користи за интеревентно наводнување на полињата во најсушниот период од годината.