Македонија
9. September 2017 - 16:30

Пукање во Батинци, едно лице повредено - МВР го уапси пироманот во Крива Паланка

Полицијата вчера уапсила 29-годишен жител на кривопаланечкото село Габар, кого пожарникарите го пријавиле дека намерно предизвикувал пожар. Додека ја гаснеле огнената стихија која го зафатила пределот околу селото Грабар, пожарникарите од ТППЕ Крива Паланка го виделе пироманот како со запалка потпалува оган, по што го пријавиле во Полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот, против подметнувачот на пожарот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, известува МВР. Досега, во пожарот изгореа над 60 хектари борова шума, даб и трње.

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи. Од полицијата соопштија дека на немилиот настан му претходела тепачка во ресторан во селото, која продолжила и откако инволвираните лица го напуштиле ресторанот. Во еден момент било пукано кон 35-годишен жител од Батинци, кој што добил прострелни рани во нозете. Ранетото лице веднаш било префрлено во Градска општа болница „8 Септември“, каде врз него се извршила операција. По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото, на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје.Од СВР Скопје известуваат дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.

МВР информираше и за преземена акција за пронаоѓање на нелегално вработени странски државјани. Полициски службеници од Регионален центар за гранични работи Север ноќеска после полноќ извршиле контрола во угостителски објект, лоциран на автопатот Тетово – Гостивар. Приведени биле 11 танчерки кои биле затекнати како ги забавуваат присутните гости. Се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот.