Свет
29. јуни 2017 - 13:31

ПССЕ повика на „политичка храброст“ за интегрирање на бегалците

Парламентарното собрание на СОветот на Европа (ПССЕ) денеска ги повика европските земји да покажат „политичка храброст“ за интегрирањето на бегалците во нивните општества, притоа посочувајќи дека некои држави, како Германија или Шведска, би можеле да ги споделат своите искуства во интергацијата на мигрантите со другите членки.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, меѓу предлозите за подобра интерграција што се најдоа во резолуциите усвоени од ПССЕ, се и воведување на правото на глас и кандидирање на локални избори на сите мигранти кои живеат најмалку пет години во земјата домаќин.

ПССЕ бара и поттикнување на мигрантите активно да учествуваат во активностите на политичките партии, синдикати и здруженија на мигранти и дијаспората.

Понатаму, се предлага и олеснување на процесот на натурализација на мигрантите кои живеат во земјата домаќин најмалку пет години, полесно признавање на нивните дипломите, како и вклучување на претставници на јавниот и приватниот сектор, синдикатите и мигрантските организации во ревизијата на националните политики за миграција. 

Во резолуцијата, усвоена врз основа на извештајот на финската социлиситчка пратеничка Сузана Хуовинен, ПССЕ наведува голем број „добри практики, кои доведоа до успешна интеграција на бегалците“.

- Собранието признава дека иако се бара почитување на основните вредности на општеството домаќин, интеграцијата на мигрантите не значи ниту асимилација - при што новодојдените ги прифаќаат културата, вредностите и традициите на домаќините во нивните места, ниту пак мултикултурализмот на заедниците на бегалци или мигранти кои живеат изолирани според нивните оригинални култури, вредности и традиции, се наведува до документот.

ПССЕ бара да запре и „негативната реторика“ кон мигрантите, истакнувајќи дека со спроведување на соодветни политики, миграцијата може да и донесе многу придобивки на Европа.

При донесувањето на втората резолуција врз основа на извештајот на италијанскиот либерален партеник Андреа Ригони, Собранието повика на подобрување на законодавството за мигрантите и за спроведување на локални политики за унапредување на знаењето за различните култури и традиции, спроведена паралелно со процесот на интеграција на мигрантите во општествата.

Тој оцени дека „ирационалните стравови“ кон мигрантите им овозможи на некои политичари и медиумите да дадат „искривена слика за миграцијата“, претставувајќи ја како закана.

- Сепак, фактите покажуваат дека тие придонесуваат за економскиот развој, демографски обновување и културната разновидност, не сметајќи го при тоа нивното позитивно влијание врз уметноста, спортот, модата, медиумите и гастрономија, порача Ригони.

Министерот за правда и миграција на Шведсја Морган Јохансон, зборувајќи пред ПССЕ, оцени дека миграцијата ќе биде голем глобален предизвик во наредните децении.

- Ние мора да се справиме со неа со повеќе солидарност, поголема соработка и поголема посветеност од порано, рече Јохансон.

Тој верува дека Европа би можела да направи повеќе за прераспределбата на бегалците и најави дека в година Шведска ќе преземе 5.000 нови бегалци, што е двојно повеќе планот на ЕУ за две години.

Јохансон ги повика европските земји да ја зголемат нивната поддршка на УНХЦР, УНИЦЕФ и други организации, кои „секојдневно одржуваат во живот милиони бегалци“.

Во исто време, според него, треба да се контролираат и надворешните граници и да се води борба против „шверцерите без совест кои ги експлоатираат бегалците“.

Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис во обраќањето пред ПССЕ се заложи за поголема улога на локалните власти во заштитата на мигрантите.

- Повеќе од кога било, европските градови и локалните власти можат да одиграат клучна улога во заштитата на правата на бегалците и мигрантите и нивната интеграција, порача Каминис.

Тој ги претстави мерките што се преземени од страна на градските власти на Атина во последниве години за справување со бегалската криза.

- Ние во моментов нудиме сместување во 300 станови под наем, кој го плаќа општината, со цел да се обезбедат пристојни услови за живот на бегалците. Користејќи средства и од европски донации, ние формиравме координативен центар во нашиот град за обезбедување на услуги за луѓе кои имаат потреба, постепено ставајќи акцент на интеграцијата, рече тој.

Каминис притоа додаде дека Европа мора да даде одговори и практични решенија за предизвиците со миграција, заштита на основните права на бегалците и нивното право да изгради нов живот во Европа.