Свет
21. April 2017 - 13:33

Прво извршување на смртна казна во Арканзас по 12 години

Во Арканзас е извршена смртна казна врз затвореникот Лидел Ли, што е првата егзекуција во оваа американска сојузна држава по 12 години.

Претходно, американскиот Врховен суд го одби барањето за преиспитување на процедурата, а Врховниот суд на Арканзас ја преиначи одлуката за блокирање на употребата на поинаква дрога за извршувањето на казната.

Ли беше осуден на смрт за бруталното убиство на Дебра Риз, извршено во 1993 година.

Во ќелијата на смртта Ли помина повеќе од 20 години, но во една од последните изјави за медиумите тврдеше дека е невин. Барањето по трет пат да се одложи неговата егзекуција, овојпат беше одбиено.

Арканзас најави извршување на осум смртни казни во 11 дена пред 30 април, кога истекува рокот за користењето на дрогата „мидозалам“, што се употребува во „смртоносниот коктел“ од три суспстанци за егзекуциите во оваа сојузна држава.

Сите осумина осуденици кои чекаа да биде извршена смртната казна, заедно со веќе егзекутираниот Ли, се казнети со најтешката казна за убиство на жени, најчесто во нивните домови.

Случајот со осуденикот Ли доби широк публицитет во американската јавност повеќе поради разните „правни игри“ предизвикани со проблемите околу набавката на дрогата, која мора да биде содржана во „коктелот“ за смртоносната инјекција со која во оваа и во уште десетина други држави се извршува смртната казна.

Последен пат, егзекуција на осуденик на смрт, во Арканзас, на југот од САД, била извршена во 2005 година.