Свет
22. February 2018 - 12:29

Првите луѓе на М-НАВ на средба со директорот на Еуроконтрол во Брисел

Претседателот на Управниот одбор на „М-НАВ” и извршен директор во Секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасески, и членот на Управниот Одбор и извршен директор во Секторот за воздухопловна техника, Климент Чепуњоски, во Брисел имаа работен состанок со генералниот директор на Евроконтрол, Еамон Бренан, денеска соопштија од М-НАВ .

На состанокот се разговарало за можноста од потпишување нов Договор за услуги (Service Level Agreement) меѓу М-НАВ и Евроконтрол, што би бил од особено значење за М-НАВ, затоа што со него македонскиот навигатор ќе добие експертска помош од Евроконтрол, Помошта посебно би се однесувала на делот на подготвување на процедурите за комуникација со податочен линк меѓу контролорот на летање и пилотот (CPDLC/Data Link), а место пребројување на воздухоплови на час (Hourly Entry Count) би се пресметувала зафатеноста на оперативната фреквенција (Occupancy Count).  Со овој договор Евроконтрол ќе помогне и во делот на модернизација и рационализација на услугите за надзор (Surveillance modernization and rationalization) со користење наaвтоматско емитување на податоци - ADS-B and Wide Area Multilateration, наведуваат од М-НАВ.

На состанокот со Бренан, исто така, било разговарано и за добивање поддршка во делот на хармонизација на регионалната иницијатива за слободно користење на воздушен простор, вклучувајќи го воздушниот простор над Косово.

Директорот Бренан, од своја страна, дал поддршка за отпочнување на сите активности поврзани со новиот договор. Во овој контекст претставник на Евроконтрол набрзо ќе пристигне во Македонија, додека договорот треба да се финализира најдоцна за еден месец, на повторна средба меѓу првите луѓе на М-НАВ и генералниот директор на Евроконтрол.

За време на престојот во Брисел, на маргините на состанокот на CANSO-Civil Air Navigation Services, првите луѓе на М-НАВ, исто така, остварија средба и со главниот оперативен директор на CANSO, Симон Хокуард, а на средбата присуствувал и менаџерот за европска координација и безбедност при управување со воздушниот сообраќај, Едвардо Гарсија Гонзалес. За време на средбата биле презентирани придобивките од евентуално членство на М-НАВ во оваа организација. На состанокот се разгледала можноста од пристапување, со цел зајакнување на политичките позиции на М-НАВ на глобално и регионално ниво, како и постигнување на хармонизација на престојните активности.