Свет
21. December 2016 - 12:17

Првиот човек на француската армија побара зголемување на буџетот за одбрана

Два дена по терористичкиот напад во Берлин,  во кој загинаа 12 лица, началникот на Генералштабот на француската армија, генералот Пјер де Вилиер, во текст во весникот „Лес Екхо“, побара „прогресивно зголемување на буџетот за одбраната“ за да може да стигне до два отсто од БДП на Франција, наспроти моменталниот 1.77 отсто, јави дописникот на МИА од Париз.

Барањето е за армијата „да остане способна, со текот на времето, да ја заштитува Франција и Французите од целиот спектар на закани“, напиша Де Вилиер.

„Мораме да разбереме дека и најмалата промена на кохерентноста меѓу заканите, мисиите и средствата се претвора во зрно песок што го кочи  системот и води кон пораз“, смета генералот, кој притоа наведе дека „не се добива војната без воен напор“.

Поздравувајќи го крајот на „трендот на намалување на буџетот во последните триесет и пет години“, оддавајќи му  почит на министерот за одбрана, Жан Ив Ле Дриан, генералот смета дека „сега, за армиите, овој напор треба да резултира со постепено зголемување на буџетот за одбрана, за да се постигне целта од два отсто од БДП до крајот на следните пет години“

Бараното „не може да се намали или одложи, и покрај сложеноста на проектираните равенки на државниот буџет“, тврди тој, додавајќи дека „цената на мирот е воениот напор“.

Буџетот на одбраната на Франција за 2017 година ќе изнесува 32,7 милијарди  евра или 1,77 отсто од бруто домашниот производ (БДП). како земја членка на НАТО Франција се обврза до 2025 година буџетот за одбрана да го крене на два отсто од БДП.