Македонија
26. December 2017 - 20:11

Прва средба Заев - Мицкоски - Следните чекори на ВМРО - ДПМНЕ ќе бидат познати утре

Вечерашната прва средба на новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ со премиерот Заев, не ја разреши дилемата дали опозициската партија ќе учествува во работата на Собранието. Мицкоски изјави дека одлуката ќе ја соопштат утре.

Од владата по средбата соопштија дека Мицкоски и Заев се согласиле оти е потребно учеството на опозицијата во реформите, и дека патот на Македонија е во ЕУ и НАТО.

„Средбата се реализираше низ конструктивен дијалог, иако за некои од темите се изразени различни мислења и ставови на двајцата соговорници. Премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, се согласија дека е потребно учество на опозицијата во реформските процеси“, се вели во писменото соопштение испратено по средбата.

Претходно премиерот Заев изјави дека без оглед што во собранието имаат тенко мозинство и потешкотии во обезбедувањето кворум, се додека го имаат не размислува за предвремени парламентарни избори.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ од денеска има нов собраниски координатор. Наместо Илија Димовски, работата на пратениците, сега ќе ја координира Владимир Ѓорчев.