Македонија
30. јуни 2016 - 16:21

Протести за укинување на притворот на градоначалникот Владимир Талески

Уште една диригирана одлука која ја продолжува хајката против ВМРО-ДПМНЕ. Вака координаторот на ОК на владеачката партија во Битола, Борче Димитровски ја оцени одлуката на скопска Апелација да го продолжи куќниот притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Опозициските советници во Советот на Општина Битола, пак, поднесоа барање на следната седница во јули, на дневен ред да се најде и точка со која на Талески ќе му се препорача да си поднесе оставка на функцијата. Со оставката, ќе се отстранат пречките за нормално функционирање на општината, смета советникот Александар Касаповски од ЛДП.

Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на битолскиот градоначалник кој бараше да биде ослободен додека трае кривичната постапка за случајот „Транспортер“. Талески веќе девет дена се наоѓа во домашен притвор. Тој е првоосомничен во случајот во кој според СЈО државната каса е оштетена за 360.000 евра.