Македонија
14. March 2018 - 16:14

Протести против усвојување на Законот со кој албанскиот ќе стане втор официјален јазик во Македонија

Под силно полициско обезбедување, тука пред зградата на законодавниот дом, попладнево околу 13 часот почна протестот на неколку стотици граѓани, против најавеното изгласување на законот за јазиците. Протестите се одвиваат во мирна атмосфера. Своето незадоволство од одлуката на парламентарното мнозинство, денеска да го изгласа овој закон, учесниците во протестот го манифестираа со блокирање на улицата која поминува пред македонското Собрание. Но и со свирежи и пораки до македонските пратеници дека ќе бидат запаметени како најголеми предавници во македонската историја.

Дел од учесниците во протестот имаа и свое обраќање на импровизираната бина поставена тука пред Собранието, од каде што порачаа дека не смее да се дозволи носење на закон, кој Македонија од мултинационална држава, ќе ја претвори во бинационална држава.