Свет
8. August 2015 - 20:20

Протести против и за поддршка на имиграцијата во Прага

Неколку десетици луѓе протестираа во Прага, едни против имигрантите, а други изразувајќи им јасна поддршка, јави дописникот на МИА. 
 
На Стариот плоштад, во центарот на чешкиот главен град пред транспаренти со испишани пораки ,, Стоп за инвазијата на натрапницте", ,,Доле Влада" говореше Томаш Вандас, претседател на радикалната и национална вонпарламентарна Работничка партија за социјална правда и контроверзните словачки политичари Маријан Котлеба и Мариан Магат, кој беше одведен од полицијата за време на неговиот говор на бината.
- Јас сум само горд на мојата раса и тоа нема ништо заедничко со омразата кон другите раси. Но, мораме да си кажеме дека таквата планирана имиграција ќе ги уништи нашите гени, рече Магат, словачки националист и претседател на партијата ,,Отпор", чиј говор беше прекинат од полицијата кога тој беше приведен директно на бината. 

Според полицијата, тој бил уапсен поради сомневање за повреда на правниот поредок. На неговото приведување, присутните скандираа ,,Гестапо, гестапо".

Демонстрантите кои протестираа против ксенофобијата беа помирни и раздаваа летоци на кои пишуваше ,,Солидарност со бегалците", ,,Примам" и.т.н.
Според Европскata статистичка служба Евростат, Чешка спаѓа во земјите на ЕУ каде има најмалку барања за азил. Во првите шест месеци од годината, Министерството за внатрешни работи евидирало 784 барања за меѓународна заштита, додека Унгарија имала 85 пати повеќе, Австрија 36 пати повеќе, Швајцарија петнаесет и Бугарија деветпати повеќе. 
Според договорот на земјите на ЕУ од септември до 2017 година, Чешка ќе треба да прими 1.500 бегалци.