Македонија
20. April 2017 - 20:24

Протестен марш за „Заедничка Македонија“ во Скопје по 53-ти пат

Приврзаници на иницијативата за „Заедничка Македонија“ вечерва во Скопје го одржаа 53-от по ред протестен марш на кој ги повторија барањата за зачувување на унитарна и мултиетничка Македонија и за отфрлање на тиранската платформа.

Богдан Илиевски, еден од организаторите на иницијативата се обрати пред народната канцеларија на претседателот Иванов во центарот на Скопје каде потсети како изгледаше оваа канцеларија пред една година, а како изгледа сега, поради, како што рече, сите граѓани кои се секој ден на улиците со поддршка за “Заедничка Македонија“. 

- Педесет и три дена се премалку во борбата за зачувување на унитарноста на Македонија и ќе продолжиме да доаѓаме колку и да треба. Човекот кого го претставува Народната кацеларија, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, издржа сите 53 дена и со голема помош од сите нас. Го охрабруваме да продолжи достојно да ја брани заклетвата која ја положил кога станал наш претседател. Се додека е со високо дигната глава и исправена кичма и ние ќе сме тука со него, истакна Илиевски.

Актерот Ванчо Петрушевски на собирот порача дека само со истрајност ќе победиме.

- Уште 1.053, уште 5.053 дена ќе останеме тука, знаеме зошто сме дојдени. Дојдени сме за да го одбраниме она што ни е нам свето, нашето име, нашата татковина, нашата Македонија. Само со нашата истрајност ќе победиме. Сите странски емисари си отидоа, платениците на Сорос се вратија посрамени дома, вели актерот Ванчо Петрушевски.

Тој порача дека Еди Рама не им мисли добро на Албанците во Македонија и ги излажал со тиранската платформа, бидејќи Албанците овде немаат корист од неа оти немаат друга татковина исто како нас.

- Македонија е татковина и на Македонците, и на Албанците и на Србите, на Власите, на Турците, на Ромите, Бошњаците, Македонија е татковина на сите. Ние Македонија, не смееме да ја дадеме и нема да ја дадеме. Нема да помине предавничката коалиција, нема да им помине на луѓето предавници кои не си ја сакаат својата татковина. Ако треба овде ќе легнеме еден по еден околу целото Собрание, ќе ја одбраниме нашата татковина. Да не се закануваат дека ние шириме омраза, ние шириме љубов кон нашата татковина, вели Петрушевски.

Пред присутните говореше и пејачот Трајче Манев кој им порача на политичарите „да не ја виткаат кичмата и да не прават глупости“.

- Во мојата кариера имам прошетано во многу земји, но како нашата Македонија нема никаде. Македонија е срцето и душата на Балканот. Нема да дозволиме тоа срце да престане да чука, затоа што 53 дена фигуративно сите го слушаат тоа срце, вели Манев.

Протетсот започна од пред Владата, а заврши пред Парламентот.