Македонија
3. December 2017 - 17:48

Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на приведените за настаните во Собранието од 27 април


Почна протестниот марш, на кој повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поддршка за лицата, приведени во врска со настаните во Собранието од 27 април оваа година.

Виското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, партиски членови, пратеници, приврзаници се собраа пред Министерството за правда и се упатија кон Владата.

Протесниот марш го предводи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и членови на високото партиско раководство, кои носат транспарент, на кој е испишаното мотото на маршот „За правдината, за таковината“.

Меѓу учесниците се Емил Димитриев, Антонио Милошоски, Христијан  Мицковски.

Учесниците носат транспаренти на кои е испишано „Слобода за Богдан“, “Доле за хунтата“, „Доле Влада, злото мора да се победи“, „Дурловски е уметник, а не терорист“. 

Протестниот марш се одвива под зајакнато полициски присуство, а пред Владата се поставени бина и озвучување и се очекуваат обраќања на учесниците. 

Веќе неколку дена во фокусот на јавноста е апсењето и правната разврска за настаните од 27 април.

Собрание завчера  одобри барањето на Кривичниот суд за притвор на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски. 

Шестмината пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април.

Апсењата на осомничените за настаните од 27 април почна во вторникот кога меѓу приведените беа и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков, шесте пратеници и предводниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. На дел од нив им беше одредена мерка притвор од 30 дена, а дел добија куќен притвор. 

Поранешниот министер за внатрешни работи Чавков, на кој исто така му е одредена мерка притвор од 30 дена, штрајкува со глад.