Македонија
30. March 2016 - 14:49

Промовирани туристичките потенцијали на Епир

Промоција на туристичките потенцијали на Епир, како и поттикнување на соработка на туристичките агенции од Македонија со агенциите од овој регион, беше целта на денешната презентација што се одржа во Скопје со поддршка на грчката Канцеларија за врски.

Пред присутните се обрати регионалниот гуверенер на Епир, Александрос Кахриманис, кој истакна дека дека денеска не се тука случајно бидејќи според статистичките податоци голем број жители на Македонија одморот го минувааат во туристичките места во овој регион кој излегува на Јонското Море, а важи за еден од најубавите во Грција .

- Знам дека постојат некои тешкотии на границата, но кога ќе вложат напори и едната и другата страна ќе се најде решение, а она што е незрело ќе созрее, вели Кахриманис. 

По промоцијата туристички агенции од Македонија и од Епир ќе можат во непосредни контакти да разговараат за можностите за соработка, односно за нејзино зајакнување. Презентацијата е збогатена и со настап на фолклорна група од овој регион, како и со дегустација на традиционални грчки јадења.

Епир се смета за нова туристичка дестинација која нуди содржини за сите сезони во годината. Покрај убавиот брег на Јонското Море, регионот има и четири ски центри, планински излетнички места, а на реката Ахерон и можност за рафтинг. Во Епир е лоциран и најголемиот антички град во Грција - Никополис, како и најголемиот антички театар Додони, а низ регионот се разместени и над 3.500 религиозни споменици.

Епир е одалечен од Скопје 465 километри од кои 230 е модерен автопат, односно пет часа патување со автомобил. Јанина е главен град на регионот во северозападна Грција.