Македонија
26. May 2017 - 11:39

Промовирана монографијата „Гевгелија 130 години град“

Монографијата „Гевгелија 130 години град“ од авторите Златко Трајков и Ристо Стамков, со своите соработници беше промовирана во Гевгелија. 

На 180 страници, преку слика и збор е прикажан развојот на Гевгелија, од самото формирање како градска населба, па се до денес. Издавач на монографијата е општина Гевгелија. 

На промоцијата на монографијата се обратија градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов и академик Георги Старделов.

- Гевгелија се соочила со бројни предизвици, но, градот успевал да опстане. Пред се поради благата медитеранска клима, еколошката средина и благосостојбата на поднебјето, развојот на преработувачката и лесната индустрија, развојот на сите видови туризам, но најмногу поради отвореноста и гостопримството на градот и неговите граѓани, истакна градоначалникот Франгов во Народниот театар.

Гевгелија, како што истакна, во изминативе 130 години, од мала населба стана современ град кој е препознатлив бренд во Македонија и надвор од неа. Според него, монографијата ќе претставува потсетување и патоказ за идните генерации и поколенија.

Академик Старделов се потсети на времето минато во својот роден град.

-  Од стари времиња, материјално и духовно, градот што сега слави 13 децении од прогласувањето за град се одликувал со европски манири. Блискоста до Солун, направила Гевгелија во отоманскиот период да биде нарекувана мал Цариград, истакна Старделов. 

На промоцијата настапија „Распеани гевгеличани“ и хорот „Гортинија“.