Македонија
4. October 2016 - 15:15

Промовирана книгата „Несвети, а свети“ од епископот Јегоревски, г. Тихон

„Несвети, а свети“ е роман мозаик за човечките судбини во тој, како што вели авторот, епископот Јегоревски г. Тихон (Шевкунов), викар на патријархот Московски и на цела Русија, „прекрасен свет, каде се живее според сосема различни закони отколку во обичниот живот, свет, бесконечно светол, полн со љубов и радосни откритија, надеж и среќа, искушенија, победите и поразите, смислата на нивното значење, и најважното - за моќната демонстрација на сила и Божјата помош, јас сакам да раскажам во оваа книга“.

Ова го истакна проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје на промоцијата на македонското издание на книгата „Несвети, а свети“ од епископот Јегоревски, г. Тихон.

На безмалку 600 страници во 60-тина раскази, посочи Ѓорѓевски, раскажани се прекрасни човечки приказни, еден вид дневнички записи од средбите на авторот со секојдневни, но исклучителни личности.

- Јас немам потреба ништо да измислувам, вели отец Тихон. Се, за што вие сега ќе прочитате, тоа произлезе од животот“. Отец Тихон собрал мноштво приказни од својот и животот на другите луѓе, кои дишат со топлина, длабочина и човечност, каде секој расказ е поука самиот за себе. Некои раскази се надоврзуваат еден на друг, некои протагонисти и некои места минуваат низ неколку раскази, поврзувајќи го сето тоа во една целина и опис на Русија во последните 70 години, рече Ѓорѓевски на промоцијата која се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Потенцира дека книгата ја опишува судбината на монасите кои живееле во близина на светите пештери и катакомби на Псково-Пештерскиот манастир, ги открива животите на руските монаси во овој наш век и со тоа нуди сознание за величината на Црквата и нејзината спасоносна улога за секој човек. 

- Отец Тихон пишува за големите старци и аскети, за новите руски маченици и исповедници, за силата на молитвата, за љубовта, за прошката, за смирението и храброста. Книгата ја илустрира човековата распнатост неѓу небото и земјата, човековата душа која грчевито не престанува да граби кон небото, бидејќи оттаму го добила и го добива и здивот, и животот, и светоста, и смислата, но и земниот прав од кој беше создаден првиот човек, кој не престанува упорно да влече кон прашината на човековата слабост и грешност, истакна Ѓорѓевски.

Додаде дека радосна и тажна, длабоко човечка, книгата „Несвети, а свети“ - мало духовно сокровиште не остава никого рамнодушен, без оглед дали станува збор за луѓе блиски или далечни на Црквата.

Директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“, Иван Заров рече дека станува збор за книга на која човек секогаш се навраќа, која содржи универзални пораки и житејски приказни за есенцијалните прашања на животот и смртта, за луѓето и нелуѓето, за верата и неверата, за старата и новата Русија и сето тоа исполнето со еден шарм и луцидност, мистерија и заплет и многу проникливост.

Епископот Јегоревски, г. Тихон рече дека деновите кои ги поминал тука во Република Македонија биле денови на откритија, на прекрасни моменти на историјата, на прекрасни изненадувачки нијанси на земјата и прекрасни луѓе.

- Разбирам дека треба да се направат напори ова богатство на кое вие сте наследници, да им биде извесно на сите православни цркви: на православните цркви и словенскиот народ и на сите народи, на целиот православен свет, истакна г. Тихон.

Вашата црква, нагласи, има што да им даде луѓето, ќе им даде многу богатство, особена душа и особена љубов.

- Секако не треба да биде замолчен овој апсурден, многу сензитивен момент, мислам за статус квото во прашањето за Македонската православна црква. Тоа треба да биде заедничка болка на целиот православен свет. Многу разговаравме за тоа со неговото блаженство, со претседателот, со претставници на МПЦ и сите сме длабоко убедени дека оваа рана на целото православие треба да биде излекувана. Патријархот Кирил и неговиот најблизок помошник, овие денови митрополитот Иларион ми се јави и ме замоли да ви пренесам дека Руската православна никогаш не отстапи од напорите да ја излечи таа болест, рече епископот Тихон.

Според него, Македонската православна црква има што да му покаже на православниот свет, за што да му сведочи.

- Православните во Русија и во многу други земји со огромен интерес ќе дознаат за вашата земја, за македонскиот народ и за Македонската православна црква, посочи г. Тихон.

Во врска со тајната на успехот, на популарноста на книгата, рече дека тоа не е опис на нешто, тоа е сведоштво за тоа за што можам да сведочам со чиста совест.

- Тоа е најголема сила на човекот, да сведочи за таа вистина која ја стекнал пред Бог, додаде епископот Тихон.

Книгата ја превел Златко Дивјаковски, а е во издание на Кумановско-осоговската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

На промоцијата на изданието присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, рускиот амбасадор Олег Шчербак, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, владици, академици...

По промоцијата се одржа мал концерт на духовна музика со настап на хорот на Македонската православна црква и на Галина Георгиева, а посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата посветена на историјата на Руската патријаршија, подготвена за овој повод.