Бизнис
7. July 2015 - 20:20

Промовиран новиот модерен воз кој во август ќе пристигне во Македонија

Кина го освојува европскиот железнички пазар преку Македонија. Денес од фабриката на ЦРРС, најголемиот светски производител на железнички транспорт, излезе првиот од шесте нови патнички возови за Македонија.

За компанијата, тоа е првиот електричен воз произведен по меѓународниот ТУФ сертификат со кој се исполнети техинчките услови за извоз во Европа.

За Македонија, прва голема обнова на возниот парк на железницата во последните 35 години.

Првиот воз со капацитет од 287 патници ќе пристигне во Македонија за еден месец, а останатите пет до јануари 2016. Се работи за современи патнички гарнитури правени по европски стандарди на сигурност, енергетска ефикасност и комфор за патниците.

Од кинеската компанија набавени се две електрични и четири дизел локомотиви кои ќе сообраќаат по најфреквентните линии и ќе заменат 60% од постојниот возен парк.

Набавката на шесте возови вреди 25 милиони евра. Со уште 10 милиони ќе се обноват дел од постојните вагони и локомотиви. Заедно со новите товарни вагони, во железничкиот транспорт се инвестираат вкупно 50 милиони евра.