Македонија
28. December 2015 - 14:30

Промоција на втора збирка поезија од проектот „Млади поети“

Збирка поезија од проектот „Млади поети” денеска е промовирана во свечената сала при Музејот на Македонската борба. Ова е проект на Агенцијата за млади и спорт за промовирање на младите поети кој се реализира втора година по ред.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески изрази особено задоволство што втора година по ред се реализира проектот наменет за младите поети, кој има за цел нивните дела да ја видат светлината на денот, додавајќи дека за најдобрите три творби се доделени симболични парични награди.

- Во рамки на програмските определби на Агенцијата за млади и спорт за промовирање на младинското творештво и младинската креативност во делот на пишаниот збор, со реализацијата на овој проект сакаме да ги стимулираме, поттикнеме и поддржиме младите автори да творат и да ја збогатат и онака богатата македонска литературна и творечка ризница. Задоволството е уште поголемо ако се знае дека бројот на пријавени творби е драстично зголемен во однос на минатата година, што укажува  на фактот дека желбата за творење кај младите луѓе се зголемува, истакна Спасески.

Како што соопшти Агенцијата за млади и спорт од вкупно 160 пријавени творби и 97 млади автори жирито во состав Виолета Танчева Златева, Кочо Топузовски и Миле Јовановски - Поречанец, ги избра „Голотијата ослободува“ на авторот Никола Илијоски како првонаградената, втората награда за песната „Зборови“ на Ана Митричка, додека трето наградена е песната „Преку езерото“ на Мануела Златкова.

Збирката поезија ќе биде дистрибуирана преку дневниот печат за време на божикните празници, а ќе се достави и до сите основни и средни училишта во државата.