Македонија
9. April 2017 - 11:01

Промоција на романот „Нултиот час“ од Лота Лундберг

Шведската писателка Лота Лундберг, авторка на романот „Нултиот час“ денеска во Скопје ќе присуствува на промоцијата на нејзината книга во промотивниот центар на Меѓународниот саем на книгата.

Македонското издание на „Нултиот час“, во издание на „Бата прес“, ќе го претстави писателот и есеист Ивица Челиковиќ, кој е и преведувач на делото од шведски на македонски јазик. 

Во романот „Нултиот час“, објавен во 2014 година, се испреплетени три силни женски портрети во бурните премрежиња на дваесеттиот век. Хедвиг која се бори со својата вина, Ингрид со својот сомнеж и Иса – со својот голем гнев.

Прапочетокот на оваа мрачна приказна е во воено разурнатиот Берлин, 1945 година, во кој по капитулацијата на Германија, уште се чувствува здивот на многубројните изгинати германски и советски војници. Писателката Хедвиг Лохман е на пат да ги напушти урнатините упатувајќи се кон еден бенедиктински манастир, а не знае што се случило со нејзината ќерка која, претходно, поради еврејското потекло ја дала да биде посвоена. Но, таа била одведена во непознат правец.

Од овие бурни настани се формираат и другите ликови во романот, а дејствијата се одвиваат во различни места, островот Блиндхолмен, кај Стокхолм, во Упсала, и во различни периоди од минатиот и од овој век.

„Нултиот час“, седмиот роман на Лота Лундберг симболично го означува крајот на војната, но и траумите кои од неа се пренесуваат длабоко во новиот век и во новиот милениум, но и човечкиот напор да се застане и да се направи обид за излегување од сопствените руини, од целосниот хаос во кој сите ситуации низ кои минуваат главните ликови би можеле да се опишат како апсолутно дно, но истовремено можеби почнува да ׳рти ново семе.

Лота Лундберг (1961) студирала политички науки, педагогија, психодрама, како и германски јазик во Виена. Најсеопфатна тема во нејзиното творештво се прашања за идентитетот и човечкото достоинство, за нормалноста и за табуто. Посебен предизвик во нејзината проза е и обликувањето на етички конфликти без едноставни решенија.

Преводи на романот „Нултиот час“ се објавени во голем број земји во светот и Лота Лундберг, за ова дело ја доби престижната награда за роман на годината што ја доделува Шведското радио. Објавувањето на преводот и печатењето на книгата во проектот на „Бата прес“ Еуропае спекулум, е поддржано од ЕУ во рамки на проектот „Креативна Европа“ и од Шведскиот совет за култура.

Промоцијата на книгата ќе се одржи од од 13 до 14 часот во промотивниот центар на Меѓународниот саем на книгата, а по претставувањето на штандот на издавачот авторката ќе им потпишува книги на љубителите на книгата.