Македонија
25. August 2017 - 9:47

Промоција на романот „Крајот“ на унгарскиот писател Атила Бартиш

Најновиот роман на еден од најпознатите унгарски современи писатели Атила Бартиш насловен „Крајот“ денеска ќе биде промовиран во Скопје. 

Романот, чиј македонски превод е во издание на ИЛИ-ИЛИ, е приказна во којашто се испреплетени политиката, историјата, љубовта, стравот, амбициите, успесите и падовите на поединецот, но и на целото општество, процеси што во државите од овој дел на Европа одат рака под рака. Токму фокусот на границите на човековите потенцијали диктирани од авторитарните режими е застапен низ целата приказна во којашто ќе се пронајде секој роден на овие простори во периодот од Втората светска војна, па до денеска.

Промоцијата е во рамки на програмата - Креативна Европа.

Преводот од унгарски е на Златко Панзов, јазичната редакција на Анамарија Цинеге – Панзов, а промотор на романот е Катарина Синадиновска. 

Атила Бартиш, еден од најинтригантните унгарски писатели на денешницата, е роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарското малцинство. Неговиот татко, новинар, е во немилост на режимот на Чаушеску па семејството се сели во Будимпешта. Атила Бартиш таму работи како успешен фотограф, но 1995 година со романот „Прошетка“ го најавува својот исклучителен книжевен талент, а критиката го споредува со Кафка и Ками. За романот „Спокој“, објавен 2001 година ги добил наградите Тибор Дери и Шандор Мараи. Според романот, Роберт Алфелди во 2008 година го снимил истоимениот филм. Останати негови дела: „Синкава магла“ (збирка раскази, 1998), „Апокрифите на Лазар“ (есеи, 2005), „Тишината, така“ (фотодневник, 2010), „За она за што може“ (со Иштван Кемењ, разговори за книжевност и фотографија, 2010), „Четиринаесет новели“ (2010), „Крајот“ (роман, 2015), „Опишување на светот“ (фотографии, Иштван Кемењ, текст, 2016) Неговите дела се преведени на повеќе јазици.