Македонија
25. April 2017 - 8:41

Промоција на роман за Балканскиот фронт од германскиот автор Ханс Ерке

Министерството за одбрана денеска напладне во порта Македонија организира промоција на романот за Балканскиот фронт, насловен „Македонка“ од Ханс Ерке.

Авторот во книгата раскажува за љубовта на германски војник и млада медицинска сестра на Црвениот крст на Македонија. Книгата била објавена во 1938 на германски јазик, а преведена е на македонски јазик како дел од заедничкото одбележување на 100 години од Првата светска војна и соработката помеѓу министерствата за одбрана на Република Македонија и Сојузна Република Германија.

Министерството наведува дека „Македонка“ е книга за Првата светска војна во која се опишани животот и страдањата на германските војници кои од Западниот фронт во 1916 година се упатуваат на фронтот на Балканот, односно во Македонија, каде војуваат на Македонскиот фронт сè до крајот на војната во ноември 1918 година.

- Како главна воена цел на завојуваните страни, авторот ја опишува земјата Македонија каде на „македонски граници“ во „македонски градови“ и на Кајмакчалан, Пелистер и други позиции војуваат бројни странски окупаторски војски кои имаат можност да ги запознаат македонските селани и селанки, Македонците и Македонките кои ги играат и пеат македонските народни ора и песни. „Македонка“ се фокусира на германскиот војник Малте Бурк кој ги преживува воените страдања, а воедно и доживува нереализирана љубов кон младата медицинска сестра од Црвениот крст во Македонија, соопшти Министерството за книгата. 

На промоцијата на романот ќе се обрати министерот за одбрана Зоран Јолевски.