Македонија
14. July 2016 - 11:21

Промоција на „Дрво кое шепоти“ од Борис Митковски во Куманово

Промоција на хаику-збирката „Дрво кое шепоти“ од Борис Митковски, ќе се одржи вечер 19:30 часот. во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Промотори на делото кое е во издание на Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ќе бидат д-р Џеси Франсуа, теолог на Сорбона, и Душко Крстевски, поет и литературен критичар.

Дрво кое шепоти е втора стихозбирка на Борис Митковски и се состои од 150 хаику-творби, инспирирани од христијанската мисла и философија.

- Сите негови хаику-творби се всушност – богојавление, мал миг во кој срцето и умот го созерцуваат Бога, стануваат свесни за поврзаноста на нештата и за Оној кој ги создал. Во хаику-творбите на Митковски, во навидум неповрзаните слики, се бара Он... Сè на сè, станува збор за интересна мутација на изворната хаику-структура и нејзино културно прекодирање во кодовите на христијанството, пишува во рецензијата кон книгата писателот Венко Андоновски.

Борис Митковски е роден 1976 година во Куманово. Завршил Теолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново, Бугарија, a постдипломски студии на American Heritage University of South California, насока бизнис-администрација. Поезијата го интересира уште од средношколски денови, особено хаику. Работел и во Авганистан, каде што и се инспирирал да ги напише стихозбирките Патот (2013) и Дрво кое шепоти (2015).

Книгата „Дрво кое шепоти“е објавена од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Со промоцијата на книгата ќе се заокружи и тридневниот саем на книга во Куманово, во организиција на „Антолог“ и библиотеката „Тане Георгиевски“ од Куманово.