Македонија
13. April 2017 - 16:28

Пролетните алергии нападнаа, дневно по 50-тина пациенти бараат лекарска помош

Пролетните алергии ги наполнија болниците. Само на Клиниката за пулмологија дневно по 50-тина пациенти бараат лекарска помош. И малди и стари се жалат на често кивање, течење на носот и печење на очите. Повеќето мислеле дека се настинати, а имале алергија. Според пулмоалерголозите сличните симптоми ги збунуваат луѓето.

-Честото кивање и јадежите во носот се покарактеристични за алергиите отколку за настинките, изјави проф.д-р Дејан Докиќ, пулмоалерголог на Клиниката за пулмологија.

Пулмоалерголозите советуваат граѓаните да не земаат терапија на своја рака, без претходно да им бидат направени потребните тестови.

-Пулмоалерголозите ги советуваат граѓаните кои се сомневаат на алергија, прво да се јават на лекар за дијагностика, а потоа да добијат соодветна терапија.

Професорот Докиќ вели дека зголемениот број на пациенти е поради цветањето на тревата и дрвјата. Овие алергени ќе им предизвикуваат проблеми на граѓаните и наредните 4-5 месеци.

Според последните статистички податоци дури 30 проценти од македонските граѓани страдаат од некој вид алергија. Овој период најчесто здравствени проблеми на луѓето им прават поленовите зрнца од тревата.