Македонија
13. March 2017 - 14:00

Пролетна акција на Јавните претпријатија во Опшина „Ѓорче Петров“

Општина Ѓорче Петров и Град Скопје денеска ја започнаа пролетната акција за средување на општината која Градот ја спроведува по 14-ти пат во рамки на циклусот на посети на скопските општини.

Општина Ѓорче Петров заедно со претставници на урбаните и месните заедници, на средба со претставници на градската администрација и сите јавни претпријатија на Градот Скопје составиле акциски план за активностите на јавните претпријатија.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски информира дека во наредните седум дена јавните претпријатија ќе извршуваат активности од нивниот делокруг на надлежности.

- Јавното претпријатија „Улици и патишта“ ќе врши крпење на дупките и на главните и на споредните улици, односно ќе се крпат улици што се забележани во планот. ЈП „Паркови и зеленило“ ќе врши кастрење на дрвјата според барањата на граѓаните, а ќе се садат и цвеќиња за разубавување на општината. Комунална хигиена ќе ги замени оштетените контејнери, ќе врши миење на улиците и ќе ги исчисти мини депониите, истакна Трајановски.

Порача дека градските јавни претпријатија во овој период на терен ќе работат интензивно за да се завршат што е можно повеќе работи.

Според градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, редовните средби на Градот Скопје со општините даваат позитивни резултати.

- На средбите со претставници на јавните претпријатија, претседателите на урбаните и на месните заедници ги потенцираа приоритетните проблеми и локации што треба да се опфатат со оваа акција. Покрај активностите на градските јавни претпријатија, во оваа акција ќе се вклучат и граѓаните, како и приватна фирма што ја ангажира Општината. Оваа акција ќе се искористи за собирање кабаст отпад, па затоа апелирам до сите жители кои имаат ваков отпад да го изнесат пред нивните домови или во близина на постојните контејнери, рече Митровски.

Од Градот информираат дека по завршувањето на акцијата во „Ѓорче Петров“, пролетното чистење ќе продолжи и во останатите општини.