Македонија
18. November 2017 - 16:11

Професори од ФЗНХ и ФИНКИ развиваат нова ефикасна и евтина метода за справување со загадувањето

Со вода од градската мрежа може да се намали загаденоста на воздухот во Скопје. Професори од Земјоделскиот факултет и ФИНКИ развиваат нова метода за намалување на концентрацијата на ПМ 10 честичките.

Се користи земјоделска турбо прскалка која водата ја раствора на дури 500 капки на сантиметар кубен.

-Таквата аеросолна метода на растојание од околу 30 метри врши добро прочистување на воздухот и во висина од 10 метри. Ова е погодно за урбана средина бидејќи не се користи друго хемиско средство. Тоа е чиста вода од водоводната мрежа, вели Живко Давчев, Професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Една година траеле проверките на методот за прочистување на воздухот со употреба на вода.. Мерењата се правени во лабораторијата за екоинформатика на факултетот за информатика и компјутерско инженерство.. Нивната мерна станица утврдила дека во период кога има енормна загаденост, со распрскување на вода во воздухот, концентрацијата на пм честичките се намалува под границата на максимално дозволената граница.

-Овој експеримент го направивме неколку пати кога загадувањето беше над 50 микрограми на метар кубен и резултатите покажаа дека веднаш кога се вклучи прскалката, загадувањето во околината на инструментот веднаш драстично падна на 10-20 микрограми на метар кубен, вели Коста Митрески, Професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство(ФИНКИ).

Инаку и покрај најавите на надлежните дека до средината на месецот ќе се објават мерки за намалување на загаденоста, засега ниту градските власти ниту министерството за животна средина не откриваат како ќе се справат во аерозагаденоста.