Македонија
4. May 2017 - 11:23

Проектот „Континуум“ на Игор Јосифов во Сан Франциско

По успешното десетдневно прикажување на мултимедијалниот проект „Континуум“ во центарот Дефибрилатор во Чикаго, Игор Јосифов на 13 мај продолжува за Сан Франциско, каде домаќини на проектот ќе бидат „InSpace Curatorial“, платформа која се залага за промоција на современа и визуелна уметност.

Од 19-ти до 29 април во еден од најпознатите објекти за презентација на уметноста во Чикаго Јосифов пред американската публика го претстави „Континуум“. Претставувањето во Чикаго беше активен перформанс по десет часа дневно. Присутните можеа да се вклучат во интеракција со уметникот и да партиципираат во неговото градење на „Континуум“.

 

Проектот премиерно беше прикажан во Скопје во декември минатата година и доби и патувачки карактер низ неколку градови во Македонија (Тетово, Кичево и Битола).

„Континуум“ е уметничка творба која го заокружува десетгодишно истражување и дружење на Јосифов со огнот како алатка. Покрај користење на огнот, уметникот изработува и дела од керамика и стакло.