Македонија
22. February 2017 - 14:39

Проект за јакнење на младинските совети и вклучување на младите

Подобрување на младинското учество во демократскиот живот преку подобрување на функцијата и улогата на веќе постоечките совети на млади има за цел проектот „Учество на младите во процесот на донесување на одлуки“, на Коалиција на младински организации СЕГА и Агенција за млади и спорт.

Како што информираат од Сега, проектот се спроведува во Кавадарци, Штип, Свети Николе, Теарце, Радовиш, Струмица, Неготино, Гази Баба, Скопје и Прилеп, со поддршка од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, преку програмата Еразмус+.

Извршниот директор на СЕГА Зоран Илиевски рече дека активностите и дискусиите треба да дадат јасни препораки за тоа како да се зголеми младинското учество преку зајакнување на функцијата на Советите на млади.

- Вклучувањето на сите засегнати во структурен дијалог ја покажува нашата вистинска желба и потреба да се унапреди овој процес во кој сите релевантни страни ќе дадат свој активен придонес, изјави Илиевски.

Коалицијата на младински организации СЕГА ја сочинуваат 21 членка и е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите.