Македонија
22. April 2017 - 14:47

Проект „Градење на акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“

Хрватски експерти за унапредување на соработката на ниво на градови и општини за да се зајакне знаењето за урбаните ризици им помагаат на македонските колеги во запознавање и справување со ризикот од природни катастрофи.

Проектот се спроведува во рамки на „Градење на акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“, кој е заеднички проект на ЕУ и Програмата за развој на ОН (УНДП), финансиран од Програмата за цивилна заштита и хуманитарна помош (DG ECHO) во земјите на Југоисточна Европа.

-Хрватскиот модел може да биде од големо значење. Ние одржавме десетина консултативни конференции и заклучивме дека овој начин на соработка е најдобар. Пристапивме кон институционализирање на локалните Координативни совети кои од неформални станаа формални тела и се мост меѓу државните институции и локалната средина, објасни хрватскиот експерт Маријан Вунтаќ.

Додаде дека на овој начин освен што се поорганизирани и многу поефикасни во координација на локалното население во случај на некаква природна непогода или катастрофа, истовремено може ефикасно да ги користат финансиските средства од инструментите кои ги нуди Европската унија.

Тоа беше и целта на првиот состанок, што се одржа во Струмица, запознавање со проектот и искуството од Хрватска во намалување на ризикот од природни катастрофи преку Платформата на хрватските жупании и градови.

Од Центарот за развој на југоситочниот плански регион велат дека оваа акциска мрежа, освен во Македонија, се спроведува и во Србија, Косово, БИХ, Црна Гора, Хрватска и Албанија.

-Проектот ќе се реализира во наредните 24 месеци за кој се обезбедени 577 илјади евра. Акциската мрежа треба да создаде ефикасен систем за заштита од катастрофи за да се заштитат луѓето, животната средина и имотот на населението, рече Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот.

Освен хрватските експерти, на овој настан присуствуваа и претставниците од националните агенции од системот за управување со намалувањето на ризици од катастрофи, нивните локални центри, како и претставници на единиците на локалните самоуправи од регионот, и тела кои работат на намалување на ризикот од катасрофи.