Македонија
15. July 2016 - 19:26

Продолжуваат преговорите во Пржино за затворање на единственото отворено прашање

 

Преговорите во Пржино и денеска завршија без договор. И по 6 часа разговори амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли рече дека останува оптимист бидејќи има напредок. Преговорите ќе паузираат за време на викендот, а нова рунда се очекува следната недела. Сепак Бејли не откри дали и натаму конечиот договор го кочи само едно прашање.

Според неофицијлни информации пак, политичките партии не можат да се договорат околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада која најверојатно ќе се формира 100 дена пред изборите со можност тие да се одржат кон крајот на ноември годинава. Првиот човек на МВР Митко Чавков попладнево ги негираше информациите во јавноста. Тврди дека и покрај законските измени, сите ингеренции остануваат во рацете на министерот.

 Претставниците на политичките партии и денеска останаа без коментар. Засега нема официјални информации во кој правец се движат преговорите и за кои прашања има приближување на партиските ставови. И натаму е нејасно како ќе се прочистува избирачкиот список и на кој начин ќе се регулираат медиумите во предизборниот период.