Македонија
30. јуни 2016 - 16:31

Продолжува успешната соработка меѓу Македонија и Италија во областа на културата, образованието и науката

Изложби, концерти, театарски претстави и филмски копродукции. Продолжува успешната соработка меѓу Македонија и Италија во областа на културата, образованието и науката. Министерката Канческа-Милевска и италијанскиот амбасадор во земјава Белели ја потпишаа 4-тата по ред Програма за соработка во периодот од 2016 до 2019-та година. 

„Потпишувањето на овој значаен билатерален документ е уште една потврда дека Република Македонија и Република Италија која е наш голем пријател и поддржувач, негуваат одлични односи и исклучителна соработка во областа на културата, образованието и науката. Бројните културни случувања кои низ годините се реализираа во Македонија и Италија несомнено ги продлабичија и ги унапредија културните врски помеѓу нашите две земји и станаа инспиративен пример за успешна и плодна меѓународна соработка“ рече министерката за култура Елизабета Канеческа-Милевска.

Италијанскиот амбасадор Белели пак, кој наскоро заминува од земјава, се заблагодари за плодната соработка која ја имал со министерството за култура во изминативе години и изрази надеж дека тоа ќе продолжи и во иднина.

„Италија најмногу е сензибилна на полето на културата, затоа што на неа и припаѓа најголемиот дел од културното наследство. Затоа со голема одговорност се однесува кон поддршката кон оние земји кои гледа дека навистина се трудат да ја негуваат културата и сопстевеното културно наследство. Македонија ќе остане во моето срце и се надевам дека ќе имаме и други можности за средби“ рече Белели.

Благодарение на ваквиот начин на соработка Македонија во изминативе години доста успешно  претстави голем дел од своето вредно културно наследство во Италија, а македонската публика имаше можност да ги погледне најдобрите италијански културни и уметнички дела.