Бизнис
14. April 2017 - 16:55

Продолжува трендот на раст на туризмот во земјава

Продолжува трендот на раст на туризмот во земјава. Во јануари и февруари годинава бројот на домашни и странски туристи се зголемил за 13, 4 отсто споредено со истиот период лани. Од вкупно 80 000 гости, 48 000 биле странци.

Очекувањата се дека во следниот период со стартот на туристичката сезона бројот на посетители од странство ќе продолжи да расте. Еден од трите најголеми тур оператори во Полска најави влез во Македонија. Идната година почнува со чартер летови. Скок на резервациите, веќе има кај холандските туристи.

Воведувањето на евтините авио летови има најголем удел во растот на бројот на странски гости. Пред една недела од скопскиот аеродром стартуваше летот кон Будимпешта, а од јули граѓаните ќе можат да летаат и до Рим Малта Ваксјо и Катар.

-Постојано се зголемува бројот на патници, постојано имаме нови дестинации. Но, исто така е многу важно што Визер го зголемува бројот на дестинации но не бара дополнителна финансиска поддршка од Владата односно од Министерството за транспорт. Мора продолжиме и да ги опфатиме сите главни градови во Европа и други дестинации, истакна министерот за транспорт Мисајловски.

Прогнозите на туристичката комора се дека Македонија годинава може да има над милион туристи, само ако нема ескалација на политичката или мигрантската криза.