Македонија
28. September 2016 - 17:01

Продолжува протестот на учениците Македонци од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“

Учениците Македонци од тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, нивните родителите и професори едногласно го одбија денешниот предлог на локалните власти привремено сите 12 паралелки да учат во двете згради од старото медицинско училиште покрај реката Пена.

Овој предлог на собраните во големата сала од Советот на општина Тетово им го пренесоа раководителот на секторот за јавни дејности Ахмед Ќазими кој присуствуваше на состанокот што претставници од гимназијалците, нивните родители и професори го одржаа со градоначалничката Теута Арифи.

- Ставот на на родителите и на професорите е дека не се прифаќа бидејќи го слушаме гласот на родителите и на учениците. Стара медицина беше предложена од општината што значи двете згради да учат во една смена. Тие се моментно руинирани нешто да се реновира во најбрз можен рок се додека не поминат процедурите за доградба и надградба, но сите едногласно рекоа дека не го прифаќаат.  Следен чекор не знам, најверојатно меѓународните институции, изјави заменик директорката на гимназијата Кирил Пејчиновиќ Катерина Наумовска.

Претходно и денеска трет ден по ред гимназијалците заедно со родителите и професорите  се собраа на градскиот плоштад за, како што велат, уште еднаш да побараат исполнување на ветувањето од први септември дадено од градоначалничката Арифи за нивно враќање во централната зграда на гимназијата и по еден месец да почнат со настава.

На денешниот  собир на нив им се придружија и ученици и професори од другите средни училишта во градот како и повеќе граѓани по што сите заедно се упатија кон општината.

По денешното одбивање на предлогот за настава во зградите од старото медицинско училиште по нивното реновирање учениците Македонци од гимназијата заедно со своите родители и професори остануваат на ставот за бојкот и протести додека не им се изнајде соодветно место за настава. Вчера од општината информираа дека добиле одговор од Министерството за образование и наука со кое не се дозволува работа во гимназијата со скратени часови а со тоа и реализација на идејата за трисменско работење и враќање на учениците Македонци таму.