Македонија
20. September 2017 - 9:07

Продолжува посетата на премиерот Зоран Заев на САД

Премиерот Зоран Заев ја продолжува посетата на САД каде што на 22 септември ќе има обраќање на генералната дебата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

За време на Генералното собрание на ОН, претседателот на Владата предвидено е да има работна средба и со генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, како и повеќе други билатерални средби.

Според агендата на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Работната посета на премиерот Заев на ОН и на САД ќе трае до сабота, а во состав на владината делегација се и министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми. 

Вчера премиерот Заев присуствуваше на свеченото отворање на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

Заев и Брис Џонсон

Владината делегација вчера во Њујорк имаше и средби со претседателот на ОМД Мето Колоски и со претставници на Обединетата македонска дијаспора, како и со претседателката на Форумот за демократска Македонија Македонка Трајковска.

Премиерот Заев, како што информираат од неговиот кабинет, во рамки на средбата се обратил и пред нашите иселеници на прием организиран од ФДМ, со цел поддршка на заложбите на Владата за активирање на дијаспората во развојот на Македонија.

ОМД и ФДМ, како што се вели во соопштението, изразиле интерес и поддршка за активирање на дијаспората во економскиот напредок на Македонија, како и во отворањето на евро-атлантските перспективи на државата. Претставниците на Форумот за демократска Македонија, изразиле поддршка за ваквите владини политики и оцениле дека новата реформска Влада во Македонија отвора големи можности за граѓаните во Македонија, како и за вклучување на дијаспората.

Било разговарано за можноста за олеснување на постапката за вадење лични документи, за можноста за учење онлајн на македонскиот јазик. 

Премиерот Заев присуствуваше на настан организиран од претседателот на САД Доналд Трамп за приклучување кон политичката декларација за реформата на ОН, каде остварил кратка средба со американскиот претседател.

Владината делегација предводена од македонскиот премиер се сретна и со претставници од иницијативата Македонија 2025.