Ракомет
1. October 2017 - 19:31

Продолжува победничката серија за ракометарите на Вардар

Ракометарите на Вардар ја постигнаа осмата победа во серија и трета во Лигата на шампионите оваа сезона, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа Загреб со 28:21.

Вардар лошо го отвори дуелот и му дозволи на хрватскиот првак да поведе со 3:0, и 4:1 па тренерот Раул Гонзалес беше принуден рано да побара тајм-аут. Следуваше серија од 6:0 за домашниот тим па негативата од три гола се претвори во таква позитива. Предноста од три гола вардарци ја задржа до крајот на првото полувреме и на пауза се отиде со резултат 13:10.

Второто полувреме почна дијаметрално спротивно од првото, со серија на Вардар од 3:0 и без постигнат гол на Загреб цели 10 минути. Водството од 16:10 беше доволно во последните 20 минути „црвено-црните“ рутинирано да го приведат натпреварот кон крај.

Вуко Боразан и Хорхе Македа со по четири погодоци беа најефикасни во победничкиот состав, додека најефикасен на натпреварот беше гостинскиот играч Стипе Мандалиниќ со девет гола.

На другите завршени натпревари од 3.коло во А-групата: Нант – Рајн Некар 26:26 и Пик Сегед – Кристијаштад 36:27.

Вечер играат Висла – Барселона.

Табела: Вардар 6 бода, Сегед 4, Рајн-Некар 4, Барселона 3, Нант 3, Кристијанштад 1, ППД Загреб 1, Висла Плоцк 0.

Во следната рунда Вардар гостува во Унгарија кај Пик Сегед.