Фудбал
20. October 2016 - 11:32

Продолжува падот на Македонија на ФИФА листата

Македонската фудбалска репрезентација забележа пад од девет места на најновата ранг листа на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) објавена денес. Според октомвриското рангирање Македонија е на 155.место што е најслаб пласман во историјата на репрезентацијата.
 
Од квалификациската група за Светското првенство во која настапуваат „црвено-жолтите“ најдобро пласирана е Шпанија (10.место) која е следниот ривал на македонските фудбалери, во ноември. Италија е на 13.позиција, Албанија 47-ма, Израел со скок од 19 позиции се искачи на 79.место, додека Лихтенштајн се најде на 183.место.
 
Лидер на ФИФА листата и поантаму е Аргентина, Германија се проби на втората позиција, а Бразил на третата. Белгија има пад од две места и сега е четврта, а во ТОП 10 уште се и: Колумбија, Чиле, Франција, Португалија, Уругвај и Шпанија.
 
Следното рангирање ФИФА ќе го изврши на 24 ноември.