Македонија
22. January 2017 - 14:08

Продолжува чистењето на коловозите и тротоарите во Скопје

Сите булевари и улици кои се во надлежност на Градот Скопје се исчистени и се проодни, а на одредни локации екипите на зимската служба на Градот работат со механизација на дорасчистување на снегот од коловозот.

Од Градот Скопје информираат дека покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија изминативе денови со механизација и рачно го чистеа снегот од тротоарите. Во работата на чистењето на тротоарите ангажирани се 100 работници од ЈП „Комунална хигиена“, како и 80 од ЈП „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ работат на терен на чистење на сливниците.

Зимската служба на Градот Скопје, како што се наведува во соопштението, ја следи состојбата на терен и интервенира според потребите.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Од Градот Скопје апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.

ЈП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во нивна надлежност, како и за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.