Македонија
13. November 2017 - 13:39

Продолжи собраниската расправа за законот за употреба на јазиците

Пратениците во Собранието на Македонија денеска ја продолжија расправата за Предлог законот за употреба на јазиците во рамки на 15. седница која беше прекината на 23 септември поради почетокот на кампањата за локалните избори.

Ова е седмо продолжение на дебатата за законот за јазиците, по шесте продолженија на 15. седница кои се одржаа пред изборите.

Во досегашниот тек од расправата по овој закон и на комисиските расправи и на продолженијата на пленарните седници, опозицијата обвини дека законот е неуставен, со него се кршат процедурите и оти неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава, а се дискриминираат и помалите етнички заедници. Парламентарното мнозинство, пак, тврди дека законот ќе придонесе за зголемување на соживотот во државата, не го нарушува унитарниот карактер на државата и е во согласност со Уставот. 

Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.

Како што стои во образложението на Предлог-законот, на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо на начин утврден со овој закон. Во сите органи на државната власт, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања и други институции покрај македонскиот јазик и неговото писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РМ. За употребата на јазикот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната власт.

Се предвидува граѓаните да имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма и оти институциите имаат обврска да им го овозможат на граѓаните користењето, употребата и примената на тие службени јазици и нивните писма.

Со предложениот закон се уредува и употребата на јазикот од страна на избраните или именувани функционери во институциите наведени во законот, како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и писмото што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Меѓу останатото се уредува и употребата на јазиците во Собранието, во Владата, како и пишувањето на називите во институциите.